Вести

Кралските Копилиња

(театар на телото: епски слики)

Хиперактивната фантазија на античките Грци им дава на боговите човечки својства што во голем дел од нивните (божествени) биографии можат да се сведат на ниски, човечки страсти: тие се вљубуваат, изневеруваат, раѓаат вонбрачни деца, се групираат во табори, менуваат цели животи и светови, завидливи се, љубоморни и амбициозни. Луѓето на овие богови се исти како своите демијурзи и, користејќи го божественото во себе, си играат богови на земјата. Кралските копилиња е приказна токму за ваквите боголуѓе и се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја, во кралската куќа Арг.
Имено, по десетгодишно отсуство, кралот Агамемнон, предводник на грчката војска, се враќа дома како победник: ја враќа честа на својот брат Менелај, чија жена, фатално убавата Елена, избегала по принцот Парис во Троја. Но, за да можат неговите бродови да отпловат од Авлидското пристаниште, тој мора да ја жртвува својата ќерка Ифигенија на боговите. Следејќи ја божјата желба, Агамемнон ја убива својата ќерка – настан што предизвикува верижна, вулканска реакција во куќата на Атреидите: Агамемнон, заедно со својата љубовница Касандра, ќе биде одмазднички убиен од Клитемнестра, сестра на убавата Елена и негова жена, и нејзиниот љубовник, а негов братучед Егист. Кога кралот е веќе мртов, Егист станува новиот крал, а децата на Агамемнон, Орест и Електра, се прогонети од кралскиот двор. По десет години, Орест се враќа дома и, наговорен од својата сестра, го одмаздува убиството на татко си, убивајќи ја својата мајка кралица и нејзиниот нов маж.
Но, бидејќи ништо, па дури ни убиствата не се едноставни во хиперактивната фантазија на античкиот свет, приказната доживува неочекуван пресврт, повторно повикувајќи се на божјата интервенција, втурнувајќи ги боголуѓето во следна лична агонија.
Кралските копилиња е претстава за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор.
Сашо Димоски

DRAMATIS PERSONAE:
АГАМЕМНОН, крал на Арг: ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ
КЛИТЕМНЕСТРА, негова жена: КЕТИ БОРИСОВСКА
ЕЛЕКТРА, нивна ќерка: ТАЛИЈА НАСТОВА
ОРЕСТ, нивен син: ЖАРКО СПАСОВСКИ
ИФИГЕНИЈА, нивна ќерка: МАРИЈА СТЕФАНОВСКА
ЕГИСТ, братучед на Агамемнон и љубовник на Клтемнестра: ФАИК МЕФАИЛОСКИ
КАСАНДРА, воен плен и љубовница на Агамемнон: МАЈА ЉУТКОВ
ДЕЦА, децата на Егист и Клтемнестра – ЗДРАВКО ЗАФИРОВ, ЗОРАН ЗАФИРОВ, ЛАНА КОЦЕВСКА
КРУГОТ, појава со единствено својство
ГЛАСОТ, појава со единствено својство

АВТОР НА ТЕКСТ, РЕЖИСЕР И КОНЦЕПТ ЗА АУДИОВИЗУЕЛЕН ДИЗАЈН: САШО ДИМОСКИ
РЕЖИЈА НА СЦЕНСКО ДВИЖЕЊЕ: ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ
ВИДЕОДИЗАЈН И АНИМАЦИИ: ДАНЧО СТЕФКОВ И КРСТЕ ШУПЕВ
СЦЕНОГРАФ И ГРАФИЧКА ОБРАБОТКА: ФИЛИП КОРУНОВСКИ
КОСТИМОГРАФ: КАТЕРИНА ЧУКНИЕВА
МУЗИЧКИ СОРАБОТНИК: САШКО КОСТОВ
ДИЗАЈН НА ДИГИТАЛНИ СКУЛПТУРИ И ПЛАКАТ: АДАМ МАРТИНАКИС

Волшебникот од Оз

Л. Френк Баум

Режија: Александар Ивановски

Претставата е базирана на книгата „Прекрасниот волшебник од Оз“ според која е направен и познатиот филмски мјузикл од 1939 година. Ја раскажува авантурата на девојчето Дороти кое од родниот Канзас заталкува во волшебната земја од приказните наречена Оз. Дороти по пат ги запознава своите идни пријатели – страшилото, лимениот дрвосечач и лавот.

глумци

слики