Вести

Резиме за 2018 година

Во рамките на Годишната програма за работа за 2018 година Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес реализираше вкупно 8 премиерни изведби. На сцената на театарот премиерно беа прикажани претставите „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана во режија на Деан Дамјановски, „Кралските копилиња“ авторски проект на Сашо Димоски, „Заспаниот супер-херој“ – претстава за деца во адаптација и режија на Младен Крстевски, „Лисистрата“ од Аристофан во адаптација и режија на Хакоб Газанчјан (к.г. од Ерменија), „Елешник“ од Југослав Петровски во режија на Елеонора Теова, „Златната рипка“ – претстава за деца според „Рибарот и рипката“ од А.С.Пушкин во режија на Младен Крстевски, „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Венцислав Ристов и „Снешка смешка и Тео текнувало го спасуваат Дедо Мраз“ – новогодишна претстава за деца во адаптација и режија на Ненад Витанов.

Покрај новите премиери, на репертоарот на театарот се изведуваа и претставите „Вдовицата се мажи“ според „Мечка“ на А.П.Чехов во адаптација и режија на Младен Крстевски, „Синиот портокал“ од Џо Пенхол во режија на Александар Ивановски, „Театар љубов моја“ од Валери Петров во режија на Деан Дамјановски, „Волшебникот од Оз“ од Л.Ф.Баум во драматизавција на Катерина Момева а во режија на Александар Ивановски и „Шумата на моето дрво“ од Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски, копродукција на Театарот со независната театарска компанија „Импакт“.

На репертоарот на театарот се одиграа вкупно 159 претстави кои ги посетија повеќе од 34.000 гледачи. Најизведувана претстава на репертоарот на театарот е „Тоалет за дами“ со вкупно 27 изведби.

Во текот на 2018 година, Театарот го реализираше и Циклусот „Вечери на поезија“ со поетски вечери посветени на Павлина Климкар Меанџиева, Игор Крајчев, Васил Тоциновски и Димитри Соле Љубин.

Театарот имаше и 20 успешни гостувања и фестивалски настапи во земјава и странство. Со „Синиот портокал“ театарот настапи во Културно-информативниот центар во Софија-Бугарија, на манифестација „Бела Ноќ“ во Скопје, во Центарот за култура „Травно“ во Загреб-Хрватска, а на фестивалот „Гола месечина“ во Скопје ја освои наградата за најдобра машка улога за актерот Фаик Мефаилоски.

„Волшебникот од Оз“ беше изведена на Меѓународниот фестивал на детски претстави „Волшебната завеса“ во Трговиште-Бугарија, а „Заспаниот супер херој“ имаше три последователни изведби во Центарот за култура во Радовиш.

Со „Вдовицата се мажи“, театарот гостуваше во Радовиш, Виница, Македонска каменица, Гевгелија, Трговиште-Бугарија, а настапи и на фестивалот „Скопско лето“, на Македонското културно лето во Мала Преспа-Албанија, на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово, на Меѓународниот фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, а на Меѓународниот фестивал „Руска класика“-Лобња, во Москва, Русија ги освои наградите за најдобра странска претстава и најдобар актерски ансамбл за актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.

„Тоалет за дами“ гостуваше во Драмскиот Театар во Скопје, во Центарот за култура во Радовиш, а беше изведена и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

„Лисистрата“ беше изведена на свеченото отворање и затворање на Интеранционалниот фестивал на античка драма „Стоби“. На истиот фестивал, Театарот настапи и со претставата „Кралските коплиња“ за која ја доби и специјалната награда од стручното жири за современ сценски израз конципиран врз лабораториски истражувања.

Копродукцијата пак со Импакт „Шумата на моето дрво“ беше изведена на Меѓународниот фестивал „Тара-ра-бумбиа“ во Благоевград-Бугарија и на Меѓународниот фестивал „Тома Караџиу“ во Плоешти-Романија.

Театар „Јордан Х.К-Џинот“, Велес

Did you like this? Share it!

0 comments on “Резиме за 2018 година

Comments are closed.