Вести

„Вдовицата се мажи“ во Москва

Велешкиот театар со „Вдовицата се мажи“ на фестивал во Русија Од 25-ти до 31-ви мај, Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес ќе настапи на Интернационалниот театарски фестивал „Руска класика“ во Москва, Русија со комедијата „Вдовицата се мажи“ според „Мечка“ на А.П.Чехов, во режија и адаптација на Младен Крстевски. „Вдовицата се мажи“ е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, напишана во 1888 година, која на комичен и атрактивен начин за гледање ја следи приказната за вдовицата Попова, која седум месеци е во траур по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. Комуницира единствено и само со нејзиниот лакеј Лука и вработените на имотот. Кај неа ненадејно доаѓа Смирноф, артилериски поручник во оставка и кредитор кој си ги бара назад парите кои му ги должи покојниот сопруг на Попова. „Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти. Претстава за едноставната комплексност на човековата природа, за тенката граница помеѓу омразата и страста, за човекот кој честопати знае да биде чуден, а прекрасен и туѓ на себе. Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова. Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.

Did you like this? Share it!

0 comments on “„Вдовицата се мажи“ во Москва

Comments are closed.