Вести

Одам на лов

“ОДАМ НА ЛОВ“

Автор: Жорж Фејдо
Режија: Деан Дамјановски

Драматург: Сашо Димоски
Сценографија: Филип Коруновски
Костимографија: Елена Вангеловска

Улоги:
Морис Васил Зафирчев
Леонтина – Маја Љутков
Дишотел – Фаик Мефаилоски
Касањ Самоил Стојановски
Гонтран – Жарко Спасовски
Г-ѓа Латур Кети Борисовска
Бабет Талија Настова

„Како да поставиме комична фарса во овој век на противречности, еколошки катастрофи, огромни разлики и социјална поделеност, свет во кој нештата се менуваат со брзината на интернетот? Дали овој жанр ќе остане само некој вид историски експонат или може да добие на актуелност? Кои се овие ликови, затворени во својот свет на вонбрачни љубовни интриги, незаинтересирани за светот околу нив? Нашата претстава Одам на лов е осовременување на една класична комична фарса, во насока на излегување од нејзиниот херметизам и отворање кон актуелниот општествено социјален момент. Жанровски таа личи на своевиден телевизиски ситком, со сите негови типизирани ликови и заплети, но таков, во којшто на моменти гледаме од другата страна на кулисата, од другата страна на смеата“. 

Деан Дамјановски, режисер

Неверојатно богатата театрографија на Жорж Фејдо (четириесет и еден драмски текст, создадени во периодот од 1873 до 1916 година) испишана е во фарсично-комичен ракопис во кој доминираат комедијата на ситуации и комедијата на карактери. Одам на лов (1892 г.) е комедија инспирирана директно од контекстот на декадентниот француски (полу)свет, на крајот од предминатиот век. Комичното, напишано во брзи сцени, низ брза промена на ситуациите, произлегува од карактерите и нивното банално секојдневие во кое нема простор за длабокочовечки прашања, драма и метафизика. Пиесата, мајсторски изведена во комични заплети и фарсични расплети, го исмева духот на времето: низ љубовнички лавиринти во кои ликовите се среќаваат, разминуваат, препознаваат и избегнуваат. Оваа продукција на текстот го контекстуализира наведениот декадентен свет и спроти него поставува огледало на реалноста, на нашата реалност сега и овде, коментирајќи го неговиот лажен сјај. 

Сашо Димоски, драматург

Did you like this? Share it!